Европската комисија соопшти дека таксата за Европскиот систем за информации и одобрување за патување (ETIAS) ќе изнесува 20 евра, што е значително зголемување во однос на првично најавените 7 евра. Новиот систем ќе започне со примена во последниот квартал од 2026 година.
ETIAS е задолжителен за државјаните на земјите кои се ослободени од визна обврска при влез во Европската Унија. Системот е дел од новата ИТ архитектура на ЕУ, со цел зајакнување на безбедноста и олеснување на патувањето за граѓаните од земји што не се членки на Унијата.
Зголемувањето на цената, според Европската комисија, е резултат на инфлацијата од 2018 година, дополнителните оперативни трошоци и новите технички функционалности на системот. Одобрението ќе важи три години од денот на издавање.
За аплицирање ќе биде потребно: важечки патен документ кој не истекува во наредните три месеци и не е постар од 10 години, платежна картичка за уплата на таксата од 20 евра, како и пополнување на онлајн формулар со лични податоци. Патните документи кои не ги исполнуваат меѓународните стандарди може да бидат одбиени при апликацијата.