Универзитетската клиника за урологија денеска ја претстави целосно реновираната болничка инфраструктура, дел од поширок инвестициски и реформски циклус за модернизација на здравствените услуги и подобрување на условите за пациентите.

На настанот присуствуваа директорот на клиниката д-р Башким Шабани, премиерот Христијан Мицкоски, министерот за здравство д-р Азир Алиу и директорот на Фондот за здравствено осигурување Сашо Клековски.
Реновирањето на болничкото одделение изнесува 300 илјади евра – по 100 илјади евра од фондовската сметка, од донации и од сопствени средства на клиниката. Болничките соби се модернизирани со нови кревети, ЛЦД телевизори, клима-уреди, нови тоалети и прочистувачи на воздух.
Вработените се откажаа од субвенциите за службени мобилни телефони во вредност од 500.000 денари, со кои беа набавени две машини за перење алишта и 18 клима-уреди за собите. „Ова не е само реновирање на ѕидови, туку и на вредностите и односот кон пациентите,“ истакна д-р Шабани.
Клиниката воведе три нови хируршки техники – имплантација на артифициелни уринарни сфинктери, вградување пенилни протези и во финална фаза е сакрална неуромодулација, со што стана сертифициран центар за интервенции кои досега се изведуваа само во странство.
Отворена е и просторија за полуинтензивно лекување, а со нови 22 вработувања на медицински персонал, клиниката го зајакна човечкиот ресурс.
Во следната фаза ќе се реновира Центарот за трансплантација на бубрези и Центарот за калкулоза, ќе се набави нов апарат за третман на камења во уринарниот тракт и ќе се изгради нова хируршка сала за ендоскопски интервенции.