Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека најкритичната состојба со пожарите денес е во ловиштето „Јасен“ во Општина Македонски Брод, каде што огнената стихија со денови не може целосно да се стави под контрола.
„Иако пожарот повеќепати беше изгаснат, поради непристапниот терен негови краци повторно се реактивираат и зафаќаат поголема површина“, изјави Ангелов.
Во гаснењето учествуваат два хеликоптери на МВР и еден на Армијата, активни од рано утро, како и 15 припадници на специјалните единици на МВР, 26 армиски специјалци, екипи на ЈП „Јасен“ и тимови од Национални шуми.
Покрај овој пожар, активен е и помал пожар во атарот на селото Крапа, кој според Ангелов, наскоро ќе биде ставен под контрола. Се работи и на гаснење на пожар во близина на селото Свиларе, со ангажман на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и два пинцгауери на ДЗС.
Ангелов се осврна и на вчерашниот голем пожар во кичевското село Челопејци, кој претставувал закана за блиските воени објекти и за самото село. Благодарение на брзата реакција со два полициски и еден армиски хеликоптер, два Ер-трактори, противпожарни екипи и помош од локалното население, пожарот бил целосно изгаснат во два часот по полноќ.
„Состојбата со овој пожар е стабилна, но оставени се патроли за спречување на евентуално реактивирање“, истакна Ангелов.