
Најобилни врнежи во последните 24 часа беа регистрирани во Демир Капија и Штип, каде наврнаа по 6 литри дожд на квадратен метар. Следат Радовиш, Пожар, Кавадарци и Виница со 4 литри, Струмица со 3, додека во Прилеп, Берово паднаа 2 литри, а во Крива Паланка, Крушево, Битола, Тополчани, Велес и Попова Шапка – по 1 литар на квадрат.
Минусните температури го обележаа утрото. Најстудено беше во Берово со -5°C, додека Попова Шапка измери -4°C. Скопје-Петровец, Крива Паланка, Велес, Тетово, Струмица и Битола се разбудија со -3°C, додека Штип, Прилеп и Демир Капија бележат -2°C. Во Скопје-Зајчев Рид, Кавадарци, Крушево, Маврови Анови, Ѓуриште, Пожаране, Виница, Гевгелија и Претор термометрите покажуваа -1°C, а Тополчани и Охрид останаа на нула степени. Попова Шапка се истакна и со снежна покривка од 30 сантиметри измерена до 7 часот наутро.
Управата за хидрометеоролошки работи предупредува дека денешниот ден ќе биде претежно облачен. Вечерта и ноќта облачноста ќе се зголеми и врнежи ќе има најпрвин во западните региони, а подоцна насекаде, додека повисоките планини ќе бидат побелени со слаб снег. Слаб до умерен јужен ветер ќе донесе мало олабавување на студот, а максималните температури ќе се движат од 6 до 10°C.



























