
Граничниот премин „Блато“ на македонско–албанската граница кај Дебар бележи значително зголемување на сообраќајот на патници, покажуваат најновите податоци за првите четири месеци од годинава.
Според статистиката, од јануари до април низ овој премин поминале вкупно 496.705 патници, што претставува пораст од околу 49 отсто во однос на истиот период лани, кога биле евидентирани 333.640 минувања.
Трендот на раст е присутен во сите месеци поединечно. Јануари годинава го започнал со 120.797 патници, наспроти 79.701 во истиот месец претходната година. Во февруари бројката достигнала 114.629, додека лани изнесувала 70.101, а во март се регистрирани 125.771 патник, во споредба со 77.126 лани.
Најинтензивен сообраќај е забележан во април, кога преминот го користеле 135.508 патници, што е значително повеќе од 106.712 во истиот месец минатата година.
Од Секторот за внатрешни работи информираат дека на преминот функционираат три шалтери и дека работата се одвива без застои и во стабилен режим. Портпаролот Стефан Димоски нагласува дека зголемениот проток е континуиран и очекуван во услови на подобрена инфраструктура од двете страни на границата.
Дополнително, дел од зголеменото движење се поврзува и со секојдневните навики на населението од пограничниот регион околу Пешкопеја, кое сè почесто патува кон Дебар за набавка на гориво и прехранбени производи, што дополнително ја засилува динамиката на овој граничен премин.
















