
Јагодите важат за едно од најнежните овошја и токму затоа многу брзо го губат својот квалитет по бербата. Но, едноставна домашна постапка може значително да им го продолжи рокот на свежина, без многу напор.
Според сознанија од истражување на Универзитетот во Масачусетс, краткото потопување на јагодите во раствор од ладна вода и сода бикарбона помага да се отстранат нечистотиите, микробите и дел од остатоците од пестициди кои остануваат на површината на плодот. Дополнително, ваквиот третман може да го забави процесот на расипување.
Процедурата е едноставна: јагодите се оставаат околу 15 минути во ладна вода со сода бикарбона, по што се процедуваат и внимателно се исплакнуваат. Следниот, но клучен чекор е сушењето: најдобро е да се остават на воздух или да се избришат со кујнска хартија пред складирање.
За да се зачува свежината што е можно подолго, се препорачува чување во добро затворен стаклен сад, идеално обложен со хартија која ќе ја впие вишокот влага.
Сепак, експертите предупредуваат дека сода бикарбоната може малку да ја омекне текстурата на овошјето. Поради тоа, како алтернативен метод често се користи разреден оцет: околу 100 милилитри оцет на 300 милилитри вода, со многу кратко потопување од една до две минути, веднаш потоа плакнење и темелно сушење.
Начинот на чување исто така игра важна улога. Ако јагодите се консумираат истиот ден, доволно е да се остават на ладно место, подалеку од сонце и топлина. За неколкудневна свежина, пак, се препорачува да се отстранат оштетените плодови, да се наредат во еден слој во сад обложен со хартија и да се чуваат во фрижидер со добра циркулација на воздух.
















