
Европскиот парламент одобри пакет реформи за возачките дозволи што ќе се применуваат во сите земји на Европската Унија, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот и поголема унификација на правилата. Новите мерки предвидуваат воведување дигитална возачка дозвола, построг третман на прекршителите и измени во условите за професионални возачи. Имплементацијата ќе се одвива постепено, а клучните промени се очекуваат меѓу 2028 и 2030 година.
Една од најзначајните новини е тоа што забраната за управување со возило изречена во една земја-членка ќе важи на територијата на целата Европска Унија. Со ова се затвора можноста возачи на кои им е одземена дозволата во една држава да продолжат да возат во друга.
Истовремено, казните што не вклучуваат забрана за возење остануваат во надлежност на државата во која е направен прекршокот, а предлогот за единствен европски систем на казнени поени е отфрлен.
Реформата е донесена во контекст на загрижувачка статистика, според која околу 20.000 лица годишно го губат животот во сообраќајни несреќи во ЕУ.
Голема промена е воведувањето на дигитална возачка дозвола, достапна преку мобилен телефон, која ќе функционира како електронски документ за идентификација. Целосната примена на овој систем се очекува околу 2030 година, но граѓаните ќе имаат можност да побараат и класична пластична картичка.
Новите правила предвидуваат и задолжителен пробен период од најмалку две години за сите нови возачи, како и можност 17-годишници да управуваат возило со придружба на поискусен возач. Пред полагање на возачкиот испит ќе биде задолжителна медицинска проверка или пополнување формулар за самооценување.
Не помина предлогот за задолжителни редовни лекарски прегледи за постарите возачи, по противење на дел од земјите-членки. Возачките дозволи ќе важат 15 години, по што државите ќе можат, но нема да бидат обврзани, да бараат нов медицински преглед.
















