УТРО.мк

Муцунски: Преку Египет започнува евакуацијата на македонските државјани од Израел

Муцунски: Преку Египет започнува евакуацијата на македонските државјани од Израел
Vero

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, информираше дека започната е евакуацијата на македонски државјани од Израел поради влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток. На денешната прес-конференција, Муцунски соопшти дека вкупно 28 лица побарале поддршка за евакуација, а првата група — четири возрасни и четири деца — веќе е во постапка на безбеден трансфер преку Египет.

Министерството веднаш формирало кризен штаб и преку амбасадата во Тел Авив е во постојан контакт со нашите државјани. „Очекуваме првата група да биде евакуирана до крајот на денот или најдоцна утре, по што ќе следува нивно враќање во земјата со авион на Владата“, изјави Муцунски.

Втората група, според најавите, ќе замине штом се воспостави редовен авионски сообраќај од Тел Авив. Подготовките за евакуацијата ги вклучуваат и потребните документи, логистика и безбеден конвој.

Муцунски потенцираше дека македонската амбасада работи со засилен капацитет и е целосно посветена на безбедноста на граѓаните. Министерството повторно упати апел до сите државјани да се воздржат од патувања во Израел и Иран, освен ако не е апсолутно неопходно.

На крајот од обраќањето, министерот упати повик до сите засегнати страни на Блискиот Исток да го почитуваат меѓународното право и да покажат воздржаност.

ELS
Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран