Министерот обвини дека критиките за т.н. „српски свет“, доаѓаат од поединечни поранешни функционери за кои, како што тврди тој, во период на нивните мандати имале многу повеќе средби со колегите од српска страна. Кажа и конкретни бројки.
„Веројатно на јавноста ќе ѝ биде интересно да дознае дека поранешниот претседател, Стево Пендаровски, во текот на неговите 5 години како претседател на државата, најмногу средби имал со претседателот на Србија, господинот Вучиќ. Деветпати се сретнале, повеќе од со кој било друг претседател. Поранешните претседатели на влади од редовите на СДСМ имале над 22 билатерални средби во период од 7 години со нивните колеги од Србија. Активен на оваа тема слушам е и поранешниот министер за надворешни работи, Бујар Османи. Во четири години – 11 билатерални средби со неговите колеги од Србија. Јас не ценам дали е тоа добро или лошо, јас повторувам, како министер за надворешни работи, ние треба да соработуваме со сите, но не може вие да критикувате ангажман со кој било наш сосед, а историски бројки да сте имале токму со претставници на тие соседи. Ние сме македонски свет и ние гледаме да ги шириме интересите на нашата надворешна политика“,
рече Муцунски.