Премиерот Христијан Мицкоски денеска го најави почетокот на нова инвестиција во рамки на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), која ќе ја реализира компанијата „Чагатај Кабло“. Инвестицијата вредна шест милиони евра предвидува изградба на нова фабрика со површина од 10.000 метри квадратни и отворање до 200 нови работни места, со што вкупниот број вработени во компанијата ќе достигне околу 500.
Мицкоски потенцира дека оваа инвестиција е јасен знак за економска доверба и пример за економски раст базиран на конкретни проекти и нови работни места, кои ќе придонесат за развојот на локалната заедница и националната економија.
„Нашата цел е да ја направиме Македонија земја на можности, каде трудот се вреднува, а институциите се партнери на бизнисот, а не пречка“, рече премиерот, упатувајќи благодарност до директорот на Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, Гоце Димовски, за неговата визија и енергија во отворањето нови можности за инвеститори.
Во говорот, Мицкоски ја потенцираше стабилноста на македонската економија, истакнувајќи пораст на бруто-домашниот производ од 3,2 проценти во првиот квартал, зголемен извоз од 3,15 проценти во првите пет месеци од годинава, како и раст на индустриското производство од 9,4 проценти во мај. Дополнително, трговскиот дефицит во април и мај е намален за околу 80 милиони долари во споредба со истиот период лани.
Премиерот ја нагласи потребата од брзи и коренити промени за справување со предизвиците со кои се соочуваат граѓаните и посочи дека Владата ќе продолжи да работи одлучно и со енергија за создавање на услови за економски раст и нови вработувања.
„Ние не чекаме инвестиции – ние ги бараме, ги поддржуваме и ги заслужуваме. Денешниот ден е потврда дека Македонија оди напред“, рече Мицкоски, најавувајќи продолжување на реформските активности како темел за иднината на земјата.