Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва испрати силна порака по повод победата во Кичево, истакнувајќи дека граѓаните покажале дека честноста, трудот и обединувањето се поважни од поделбите и политичките интереси.
„Падна Фатмир Дехари. Падна од народот кој се обедини против раскалашеноста и недомаќинското работење. Покажавме што можеме кога сме обединети. Таму соработуваа различни верски и етнички заедници против оние кои го влечеа градот надоле. Победи соживотот и вербата во вредности,“ рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека победата во Кичево е симболична и испраќа порака за Македонија како дом за сите – Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци и останати. „Кичево е на кичевчани. Победи надежта дека иднината не се гради со поделби, туку со почит и заедничка работа. Народот е поголем од политиката, а верата во подобро утре е посилна од секој страв,“ додаде тој.
Мицкоски исто така упати порака до СДСМ и до локалните „шерифи“ кои, како што рече, со децении користеле нечесни игри за лична корист. „Вечерва не славиме против никого, славиме за Македонија, за новата енергија што ја движи државата напред, за работа, ред и одговорност. Секој глас е доверба и обврска,“ порача тој.
Тој заклучи дека резултатите од Кичево и другите градови покажуваат дека Македонија е подготвена за обединување, работа и напредок, и дека чесноста и трудот секогаш ќе победуваат.































