Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, по убедливата победа на локалните избори порача дека резултатите се обврска за одговорно управување и сигнал дека Македонија може да биде пример на соживот, ред и напредок.
„Секои избори се порака, и овие избори се порака и до нас, да не се забегуваме во победата, туку да се носиме со одговорноста дадена од граѓаните и да ја оправдаме. Да се менуваме и подобруваме, и таа порака е разбрана. Обврска да продолжиме уште посилно, да не се опуштиме ниту еден ден и да ја претвориме надежта во конкретни резултати. Да покажеме дека чесноста и трудот победуваат, дека политиката може да има достоинствено лице,“ рече Мицкоски.
Тој истакна дека резултатите се порака и до СДСМ. „Морам да признаам дека не сум среќен поради нивниот дебакл, но тој е одраз на реалноста дека оваа партија не се реформираше и не фати чекор со времето. Вечерва не славиме против никого, славиме за Македонија, за новата енергија што ја движи државата напред, за работа, ред и одговорност,“ додаде лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски се заблагодари и до сите граѓани кои излегоа на гласање, нагласувајќи дека победата е и нивна. „Нашата визија не е партиска, таа е државна. Знам дека имаше луѓе кои не излегоа на гласање или не гласаа за нас, и тоа е во ред, тоа е дел од демократијата. Но сакам искрено да им порачам: и вашиот глас и вашата тишина ги слушнавме. Само обединети како народ можеме да ја направиме Македонија земја во која вреди да се живее,“ порача Мицкоски.































