
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека во Европската Унија е препознаен проблемот со, како што вели, злоупотребата на ветото од страна на одредени земји-членки за прашања што не се поврзани со европските вредности.
Според Мицкоски, токму тоа е една од причините за предлогот на Европската комисија до Советот да се укине можноста за вето во одредени фази од пристапните преговори, додека правото на вето би останало пред самото членство.
Премиерот оцени дека концептот на постепена интеграција претставува голема можност за Македонија, бидејќи, според неговата анализа, земјата веќе исполнува два од трите услови потребни за започнување на овој процес.
„Очигледно таму состојбата е препознаена, дека некои од земјите членки го злоупотребуваат своето членство во рамките на Европската Унија и се обидуваат преку своето членство да решаваат прашања кои немаат никаква врска со европските вредности“, рече Мицкоски.
Тој објасни дека еден од условите за постепена интеграција ќе биде исполнување на конкретни реформи, кои ќе бидат утврдени одделно за секоја земја.
Вториот услов, според него, е усогласување со заедничката надворешна и одбранбена политика на ЕУ. Мицкоски посочи дека Македонија веќе го исполнила овој услов.
Како трет услов го наведе системот за јавни набавки, при што рече дека реформата во оваа област треба да биде завршена и усвоена во Собранието во текот на следната недела.
„Значи, од трите, две имаме, а за првиот чекаме што е тоа што за нас како држава ќе биде доставено од страна на самата Европска комисија. Ние сè ќе сториме за да го направиме тоа и да почне градуалната, односно постепена интеграција“, истакна премиерот.
Мицкоски додаде дека постепената интеграција би овозможила пристап до единствениот европски пазар и други сегменти од европските политики, за кои Македонија има интерес.
Тој ја поврза оваа можност и со прашањето за уставните измени, оценувајќи дека нивната примена би можела да биде поврзана со завршувањето на преговорите со Европската Унија.























