
Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека е добиена официјална потврда за билатерална средба меѓу министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова, која треба да се одржи утре во Софија, на маргините на меѓународната конференција посветена на Коридорот 8. Средбата е потврдена и од бугарското Министерство за надворешни работи.
Мицкоски појасни дека точниот формат на разговорот дополнително ќе биде усогласен преку дипломатски канали. Можно е средбата да биде кратка билатерална средба на маргините на форумот или да се одржи во друг формат.
Премиерот порача дека главната порака од македонска страна ќе биде дека отворените прашања можат да се надминат единствено преку дијалог.
„Нашите пораки се јасни, дека само со дијалог можеме да дојдеме до решение од оваа состојба во којашто во моментот се наоѓаме“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Македонија се залага за добрососедски односи и сака што поскоро да ја реализира својата стратешка цел – членство во Европската Унија.
Средбата во Софија доаѓа по иницијативата од македонска страна, која уследи по посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Скопје. По нејзиниот совет, Мицкоски побара од Муцунски да испрати дипломатска нота со барање за средба со бугарската колешка.
Осврнувајќи се на неодамнешните пораки од бугарската претседателка Илијана Јотова, Мицкоски рече дека добро ги познава европските вредности и принципи, но оцени дека дел од земјите-членки ги заборавиле откако станале дел од Унијата.
„Јас во својата младост поминав многу години во самата Европска Унија и мене ми е многу јасна Европската Унија, јасни ми се вредностите на Аденауер, Шуман и Де Гаспери“, рече Мицкоски.
Конференцијата во Софија е посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот коридор 8, а на неа ќе учествува и Муцунски.























