
Премиерот Христијан Мицкоски соопшти дека најновите податоци на Меѓународниот монетарен фонд покажуваат дека Македонија се издвојува во Европа по обемот на преземени економски мерки за ублажување на последиците од енергетската криза и растот на цените.
Според него, анализата од 15 април ја позиционира земјата меѓу трите најактивни европски држави кога станува збор за државни интервенции во однос на БДП, насочени кон заштита на животниот стандард на населението. Владата, како што истакна, со тоа ги демантира оценките на опозицијата дека реагирала бавно и недоволно координирано.
Во делот на енергетската политика, премиерот нагласи дека се продолжува со мерки за стабилизирање на цените на горивата, меѓу кои и прилагодувања на даночните стапки. Очекувањата се дека и Регулаторната комисија за енергетика ќе придонесе кон дополнително намалување на малопродажните цени, за околу 1,5 денари по литар.
Мицкоски ја спореди и ценовната состојба во регионот, тврдејќи дека Македонија и натаму има едни од најниските цени на горивата во Европа. Додека кај нас тие се движат од околу 1,27 до 1,31 евро, во Грција и Албанија надминуваат две евра, а во Србија достигнуваат околу 1,63 евра.
Во однос на инфлацијата, тој посочи дека економските индикатори покажуваат стабилизација на нивото од 4,9 проценти, што претставува значително намалување во споредба со периодот во 2022 година кога ценовните притисоци беа во двоцифрени рамки.























