Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека Македонија е првата земја од регионот која го операционализирала Инструментот за реформи и раст и првата која добила пред-финансирање согласно Планот, нагласувајќи дека земјата е подготвена за правичен и меритократски пристап од ЕУ.
„Не гледам повеќе суштина ако билатералните проблеми се тие кои што одлучуваат дали земјите стануваат полноправни членки. За мене суштината е во реформите и чекорите кои се испорачуваат. Додека тоа се врз основа на системот на испорака, ние ќе бидеме компетитивни и убеден сум дека ќе бидеме први до конечната цел“, изјави Мицкоски на Самитот „Нашиот пат кон ЕУ“ во Тирана.
Премиерот најави дека до крајот на годината се очекува да бидат реализирани најмалку осум, а можеби и десет од дванаесетте заостанати чекори. Мицкоски нагласи дека остануваат два проблематични: субвенцијата за електрична енергија и адаптацијата на Изборниот законик.
„Останатите десет чекори се реалност и ќе успееме да ги испорачаме до крајот на оваа година или во првите две недели од следната“, рече Мицкоски.
Премиерот информираше дека досега се исплатени околу 24 милиони евра за поддршка на реформи во дигиталните услуги, деловната клима и енергетската ефикасност. Завршувањето на преостанатите чекори ќе овозможи дополнителна поддршка од ЕУ во износ од над 134 милиони евра.
Мицкоски истакна и конкретни проекти за интеграција и поврзување со Европа, како приклучувањето на Македонија кон единствената еврозона за плаќања (СЕПА), проектот WiFi4WB во 63 општини и изградбата на национална антена за Фабриката за вештачка интелигенција.
На самитот, еврокомесарката Марта Кос порача дека земјите од Западен Балкан веќе имаат бенефити од СЕПА и дека целта е сите земји од регионот да напредуваат како еднакви членки на Европската унија.























