Премиерот Христијан Мицкоски остро го нападна поранешниот министер за надворешни работи Бујар Османи, обвинувајќи го дека свесно ги прифатил бугарските барања со францускиот предлог и со тоа го поткопал македонскиот идентитет.
„Ова го знаеше точно и Бујар Османи, точно знаеше што прави. Директно стави нож во плуќата на македонскиот идентитет и закова шајки. Директно. И тоа нема да го заборавиме. Тоа никогаш нема да го заборавиме“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека суштината на бугарските барања не е само внесувањето на Бугарите во Уставот, туку обид да се создаде нова македонска нација и јазик со бугарски корени.
„Суштината на бугарските барања е обид да се создаде нова македонска нација која користи нов македонски јазик кој почива на бугарски корени, а не внесување на Бугарите во Уставот“, рече тој, додавајќи дека секој кој тоа не го гледа е „политичка аналфабета или не треба да се занимава со политика“.
Мицкоски порача дека борбата за зачувување на националниот идентитет ќе продолжи: „Ние ќе се бориме, секаде ќе се бориме. Ефектите од таа борба се гледаат. Ние немаме друга опција, ќе се бориме до крај, додека можеме. Не знам дали ќе успееме, но нашите аргументи добиваат гласност“.
На крај, премиерот изрази уверување дека граѓаните ќе останат будни и нема да дозволат повторување на, како што рече, штетните политики на Ковачевски, Османи, Маричиќ и слични: „Граѓаните се мудри, внимаваат и нема да дозволат повторно да се стави шајка на македонскиот идентитет“.