Премиерот Христијан Мицкоски во интервју за телевизија Алсат М откри дека Артан Груби, поранешен висок функционер и еден од осомничените во тековна истрага, ја напуштил државата со дипломатско возило, придружуван од почесен конзул на една странска држава. Мицкоски го нарече бегството „кукавички чин“, нагласувајќи дека институциите преземаат сè што е во нивна моќ за бегалците од правдата да бидат вратени во земјата.
– Потерницата е испратена, и сега нашите партнери треба да одговорат каде се наоѓа Артан Груби. Тој ја напуштил Македонија со дипломатско возило, а лицето што го придружувало – почесен конзул – веќе беше повикано на информативен разговор, рече премиерот.
Мицкоски потенцираше дека Груби не е единствениот што избегал, но нагласи дека е неприфатливо функционери обвинети за криминал да се кријат зад дипломатски имунитет или политички врски.
– Некои се во регионот, некои подалеку, но за сите има индиции. Како држава сме решени да ги донесеме назад – истакна Мицкоски.