По повод 82-годишнината од отворањето на првото училиште на македонски јазик во слободна Македонија, на 23 септември 1943 година, ПЕД „Ендорфин“ од Кичево за трет пат организира планинарски марш. Одбележувањето ќе се одржи во недела, на 21 септември.
Маршот започнува во 8 часот наутро, а првата станица е селската црква „Свети Атанасиј“ во старото село Подвис, каде учесниците ќе пристигнат во 8:30 часот. Следната пауза е кај месноста Ледина во 9:30 часот, по што патеката води до врвот Планиница (1.391 метар), каде ќе се пристигне околу 11:30 часот за 30-минутна пауза.
По паузата, маршот продолжува кон месноста Вирче, а во 13:30 часот учесниците ќе се вратат кај зградата на првото училиште во Подвис, каде ќе се доделат благодарници за учество и ќе се заокружи одбележувањето. Маршот завршува со спуштање во долното село Подвис околу 15:30 часот.
Водичи на маршот се Давор Јанкулоски, Мирослав Секулоски, Елена Ванчоска-Секулоска и Зоран Маџоски, а одзивот на учесниците од година во година е сè поголем, велат од „ПЕД Ендорфин“.