Шест лица се разболеле поради труење со храна откако учествувале на семинар-обука на 11 септември во ресторан во Куманово, соопшти Центарот за јавно здравје Куманово (ЦЈЗ).
Од вкупно 36 присутни, шестмина развиле сериозни симптоми како повраќање, дијареја, треска до 41 степен и болки во стомакот. Двајца од нив се хоспитализирани, тројца се третираат во дневна болница, а еден е на домашно лекување.
– Заболените симптомите ги развиле од четири до 16 часа по консумацијата на храната, со обилни повраќања и зачестени столици на секои 10 до 20 минути – велат од ЦЈЗ Куманово.
Веднаш по пријавата, на 15 септември епидемиолог од ЦЈЗ Куманово, заедно со подрачните единици на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), изврши координиран надзор во ресторанот.
– Земени се мостри и брисови од храната за микробиолошко испитување, а објектот е затворен до добивање на негативни резултати од анализите. Преземени се сите соодветни противепидемиски мерки – додаваат од ЦЈЗ Куманово.
Од институцијата нагласуваат дека епидемиолошката состојба внимателно се следи и јавноста ќе биде дополнително информирана.