УТРО.мк

Поранешниот претседател Иванов се обрати на конгрес во Астана: „Технологијата не треба да нè оддалечува од тоа кои сме“

Поранешниот претседател Иванов се обрати на конгрес во Астана: „Технологијата не треба да нè оддалечува од тоа кои сме“
Vero

Од 15 до 18 септември 2025 година, поранешниот претседател на Република Македонија (2009–2019), д-р Ѓорге Иванов, учествуваше на Осмиот Конгрес на лидерите на светските и традиционалните религии во Астана, под покровителство на претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев.

На панелот „Духовните вредности во ерата на дигитална реалност и вештачка интелигенција“, Иванов ја истакна двојната природа на новите технологии – нивните можности, но и предизвиците за духовноста и човечноста. Тој предупреди дека „вистинската вера не може да биде создадена од машина, а вистинската поврзаност не се мери во лајкови, туку во љубов и присуство“. Духовните водачи, според него, имаат клучна улога во насочувањето на луѓето кон трајните духовни вредности во свет кој често нуди брзи, но празни одговори.

Иванов нагласи дека човековото достоинство, слободата, приватноста и вистината не смеат да бидат жртвувани во трката по иновации, повикувајќи на соработка меѓу духовните заедници, технолошките експерти и медиумите за градење етичка дигитална иднина. Потсетувајќи на македонската традиција на вековна верска толеранција, тој порача дека технологијата треба да ни помогне подобро да се откриеме себеси, а не да нè оддалечува од тоа кои сме.

На конгресот учествуваа повеќе од 100 делегации од околу 60 земји, вклучувајќи духовни водачи од христијанството, исламот, будизмот, јудаизмот, хиндуизмот, таоизмот и шинтоизмот, како и претставници на меѓународни организации, академската заедница и јавни личности.

Иванов имаше и низа средби со учесниците, во кои разговараа за предизвиците на духовноста, потребата од дијалог и градење мостови на доверба. Тој ја истакна важноста на Македонија како пример на меѓурелигиско и меѓукултурно заедништво и порача дека и малите земји можат да придонесат за глобалниот мир и стабилност, особено во време на брзи промени и глобални несигурности.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран