Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас, денеска соопшти дека Европската комисија предложила нов, 19-ти пакет санкции кон Русија, со цел да се ограничи финансирањето на воените напори на Кремљ и да се заштити мирот во Европа.
„Нашите санкции веќе имаат видливо влијание врз јавните финансии и економскиот раст на Русија. Затоа ЕУ мора колективно да ги зајакне мерките заедно со своите партнери, се додека не се постигне мир“, истакна Калас.
Предложените мерки вклучуваат целосна забрана за трансакции со руските банки и финансиски институции, санкции за големи економски оператори кои ја поддржуваат руската воена индустрија, како и ограничување на рускиот систем на кредитни картички и системот за брзо плаќање. Дополнително, се предлага забрана за инвестиции во руските специјални економски зони поврзани со војната, како и мерки кон кинески актери кои го поддржуваат руското оружје.
За да се ограничи примарниот извор на приходи од енергенси, санкциите предвидуваат целосна забрана за увоз на руски течен природен гас (ЛНГ) до јануари 2027 година, укинување на повластиците за „Росњефт“ и „Газпромњефт“, како и санкционирање на 118 дополнителни бродови од т.н. руска „флота во сенка“.
„Овие санкции ќе го ограничат пристапот на Русија до критични технологии, вклучувајќи вештачка интелигенција, геопросторни податоци и ресурси за производство на оружје, вклучувајќи производи од Кина и Индија“, рече Калас.
Таа додаде дека санкциите ќе опфатат и лица вклучени во киднапирањето и индоктринацијата на украински деца, со што ЕУ ја зајакнува правната рамка за справување со овие гнасни дела.
„Нашата порака е јасна: Заедно со воената поддршка за Украина, ќе го интензивираме притисокот врз Русија со се построги санкции се додека Русија не прифати праведен и траен мир“, заклучи Калас.