УТРО.мк

Македонското знаме се развиори во срцето на Њујорк по повод 35 години независност

Македонското знаме се развиори во срцето на Њујорк по повод 35 години независност
Vero

Македонското знаме денеска свечено беше подигнато во Њујорк по повод 35-годишнината од независноста на Македонија.

Церемонијата се одржа во финансискиот центар на Њујорк, пред познатиот споменик на разјарениот бик, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора (ОМД).

На настанот присуствуваа десетици Македонци, кои и покрај лошото време и најавите за бура се собраа за да ја одбележат годишнината од независноста.

Од ОМД порачаа дека со подигнувањето на македонското знаме сакаат да испратат порака за присуството и единството на македонската заедница во САД.

„Со овој гест сакаме да ги потсетиме сите дека сме тука и дека нема да нè снема. Како времето денес, имавме 35 тешки години, во кои се обидоа да нè избришат, но не им успеа и уште сме тука. Задачата на ОМД е да ги собере Македонците, бидејќи сме посилни кога сме заедно“, изјави Арџи Белио од Обединетата Македонска Дијаспора.

Свеченоста беше збогатена со изведба на македонската и американската химна, а музички настап имаше пејачката Андријана Јаневски, која ја изведе песната „Земјо мила“.

Настанот во Њујорк беше уште едно одбележување на 35-годишнината од независноста на Македонија во организација на македонската дијаспора.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран