
Албанската државна полиција ова лето ќе ангажира дополнителни 1.600 полициски службеници, меѓу кои и припадници на полициите од Македонија, Црна Гора, Косово и Италија, со цел да се зголеми безбедноста за време на туристичката сезона.
Според албанските медиуми, засилените безбедносни мерки ќе бидат насочени кон туристичките центри долж крајбрежјето, како и на најфреквентните патни правци низ земјата. Албанската полиција најавува и отворање привремени полициски станици во неколку туристички и планински дестинации, меѓу кои Валбона, Тет, Коман, Тале, Заливот Лалзи и Ксамил.
Директорот на Одделот за јавен ред и безбедност во Државната полиција на Албанија, Димитрак Зиу, истакна дека мерките имаат за цел одржување на јавниот ред, зголемување на безбедноста на туристите и спречување на евентуални инциденти во текот на летната сезона.
Во рамки на меѓународната соработка, полициски службеници од Македонија, Косово, Црна Гора и Италија ќе учествуваат во заеднички патроли со албанските колеги, додека и албански полицајци ќе бидат ангажирани во активности со партнерските служби во регионот.
Покрај засиленото полициско присуство, на патиштата ќе бидат распоредени современи радарски системи и напредна технологија за следење на сообраќајот, со цел намалување на прекршоците и спречување на сообраќајни незгоди за време на шпицот на туристичката сезона.

















