
Бугарски националистички активисти поставиле спомен-плоча во селото Баница, денешно Кариес во близина на Сер во Грција, посветена на македонскиот револуционер Гоце Делчев. На обележјето тој е претставен како „бугарски револуционер“, што веќе предизвикува реакции во јавноста.
Според информациите, за поставувањето на плочата не биле известени ниту грчките локални власти, ниту било побарано официјално одобрение за ваквата иницијатива. Засега нема официјална реакција од грчкото Министерство за надворешни работи.
Мермерната плоча е поставена на остатоците од стара камбанарија во напуштеното село Баница, каде што Гоце Делчев загинал на 4 мај 1903 година во судир со османлиските сили.
На плочата стои дека Делчев бил „бугарски револуционер и војвода, питомец на Военото училиште во Софија, кој се борел за слободата на Бугарите во Македонија и Одринско“.
Локалните грчки медиуми објавија дека општинските власти не биле претходно информирани за поставувањето на спомен-обележјето и дека не било издадено никакво официјално одобрение.
Темата околу историската припадност на Гоце Делчев и понатаму останува чувствителна, а тој е една од клучните точки на спор во работата на Заедничката македонско-бугарска мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања.

















