
Претседателот на Меѓународниот совет на аеродроми во Европа, Штефан Шулте, упати сериозни критики кон европскиот Систем за влез-излез (EES), оценувајќи дека неговата примена создава големи проблеми на аеродромите и предизвикува долги чекања за патниците.
Шулте, кој воедно е и извршен директор на компанијата Фрапорт, оператор на аеродромот во Франкфурт, изјави дека европските власти не треба да се однесуваат како системот да функционира беспрекорно кога реалноста покажува поинаква слика.
Според него, во периодите на најголем патнички сообраќај, патниците се соочуваат со повеќечасовни чекања на граничните контроли, а дополнително зголемување на бројот на патници во текот на летната сезона може уште повеќе да ги влоши состојбите.
Системот EES, кој се базира на биометриска идентификација на државјани од земји што не се членки на Европската Унија, се применува веќе неколку месеци, но од самиот почеток е проследен со бројни оперативни предизвици.
Еден од позначајните инциденти беше регистриран во април, кога патници на летот Милано–Манчестер ги пропуштија своите летови поради застои и проблеми на пасошката контрола.
Шулте смета дека граничните служби треба да имаат можност привремено да ја суспендираат примената на системот кога постои ризик од сериозни нарушувања во протокот на патници. Тој побара и поширока анализа на ефектите од неговото функционирање.
Иако Европската Унија дозволува привремено суспендирање на системот во одредени случаи до септември, Шулте предупредува дека летната сезона трае подолго и дека по истекот на тој рок европските аеродроми би можеле да се соочат со уште поголеми проблеми.

















