
Македонија прави значаен исчекор кон дигиталната иднина со воспоставувањето на „Везилка“ – Националната фабрика за вештачка интелигенција, проект кој ќе овозможи пристап до европската инфраструктура за вештачка интелигенција и напредни суперкомпјутерски капацитети.
На промоцијата на проектот, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека „Везилка“ претставува почеток на процес што ќе придонесе за посилна наука, поконкурентна економија и поголеми можности за младите луѓе во државата.
Проектот го координира Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) при УКИМ, во соработка со Министерството за дигитална трансформација. Преку партнерство со грчката фабрика за вештачка интелигенција „Pharos“, Македонија станува дел од европскиот екосистем за развој на вештачка интелигенција.
Според Мицкоски, пристапот до современа технолошка инфраструктура ќе им овозможи на домашните истражувачи, универзитети, стартап компании и бизниси да развиваат иновативни производи и услуги со висока додадена вредност и да бидат конкурентни на европскиот и глобалниот пазар.
Особено значење, нагласи премиерот, има развојот на македонски јазични модели и дигитални алатки на македонски јазик, што ќе придонесе за зачувување и унапредување на јазикот во дигиталната ера.
Тој оцени дека развојот на вештачката интелигенција веќе ги менува економските модели и создава нови индустрии, поради што способноста на една држава да создава знаење и да поттикнува иновации станува клучен предуслов за долгорочен развој.
„Везилка“ е воспоставена во рамки на Европската заедница за пресметување со високи перформанси (EuroHPC JU) и е кофинансирана од Европската Унија преку програмата „Хоризонт Европа“.
Во рамки на настанот беше организирана и панел-дискусија на тема „Вештачката интелигенција како мотор за економски развој“, на која беа претставени визијата, целите и очекуваните придобивки од проектот.

















