
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на Македонија остро ги осуди нападите и заканите на Хутите, оценувајќи дека тие претставуваат сериозна закана за регионалната безбедност, меѓународната трговија и слободата на пловидба.
Во официјалната реакција објавена на социјалната мрежа X, Министерството наведува дека нападите насочени кон Кралството Саудиска Арабија, како и акциите што го нарушуваат комерцијалниот поморски сообраќај во Црвеното Море, се неприфатлива ескалација на тензиите во регионот.
„Најостро ги осудуваме нападите и заканите на Хутите насочени против Кралството Саудиска Арабија, вклучително и сите акции кои имаат за цел нарушување на комерцијалниот поморски сообраќај и слободата на пловидба во Црвеното Море. Овие непромислени акти ги загрозуваат човечките животи, меѓународната трговија и регионалната безбедност и претставуваат неприфатлива ескалација“, соопшти Министерството.
Воедно, македонската дипломатија изрази солидарност со Саудиска Арабија и упати повик за итен прекин на сите напади и закани, нагласувајќи ја потребата од зачувување на безбедноста и стабилноста во регионот.

















