
Грчката национална метеоролошка служба (ЕМЈ) издаде црвен аларм поради нагло влошување на временските услови, кои ќе ја зафатат земјата во периодот од 23 до 25 јули. По неколкудневниот екстремен топлотен бран, се очекува силно невреме проследено со поројни дождови, грмежи, олуен ветер и локална појава на град.
Според прогнозите, најкритична ќе биде ситуацијата во петок, кога нестабилното време ќе ги погоди Халкидики и Солун – региони каде што во овој период престојуваат голем број македонски туристи. Метеоролозите предупредуваат на обилни врнежи и силни удари на ветер, кои може да предизвикаат проблеми во сообраќајот, како и опасни услови долж крајбрежјето и на плажите.
Надлежните служби ги повикуваат граѓаните и туристите да бидат особено внимателни. Доколку се забележат темни облаци, грмежи или знаци на невреме, се препорачува веднаш да се напуштат плажите и морето. Возачите треба да избегнуваат патување за време на најсилните врнежи поради намалена видливост и можност од поплавени патишта.
Истовремено, се советува редовно следење на официјалните временски прогнози и почитување на упатствата од локалните власти.
Иако невремето нема истовремено да ги зафати сите делови на Грција, најголем ризик се очекува во северниот дел на земјата, поради што се препорачува зголемена претпазливост за сите кои патуваат или престојуваат во овој регион.

















