
Жителите на бугарската општина Безмер изразија незадоволство поради одлуката за распоредување американски авиони-цистерни во блиската воздухопловна база, предупредувајќи дека тоа може да го зголеми ризикот регионот да стане цел во меѓународен конфликт.
Граѓаните велат дека не се против воената база и редовните воени вежби, туку против конкретната мисија поврзана со присуството на американски авиони за воздушно полнење гориво, кои, според нив, се поврзуваат со операциите во конфликтот со Иран.
Во знак на протест, жителите потпишале петиција и најавија собирање, на кое ги повикаа и жителите од околните населени места.
Градоначалникот на општина Безмер, Росен Русев, изјави дека одлуката предизвикала загриженост кај населението, бидејќи, како што посочи, граѓаните стравуваат дека земјата може да биде вовлечена во конфликт кој не е нејзин.
„Луѓето не се против постоењето на базата, туку против оваа конкретна активност и последиците што може да ги донесе“, изјави Русев.
Претставници на локалната власт од околните села исто така изразија несогласување, нагласувајќи дека жителите сакаат гаранции за безбедноста и дека самото присуство на воена опрема создава чувство на несигурност.
Советник од општина Тунџа оцени дека со ваквата одлука регионот станува „легитимна цел во војна што не е наша“, додавајќи дека и логистичката поддршка е дел од воените операции.

















