Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, најави дека ќе се преземат конкретни чекори за спречување на странски туристички водичи да ја интерпретираат македонската историја и култура на свој начин. На седница во Министерството, беше формирана работна група со претставници од туристичкиот сектор, стручни институции и асоцијации на водичи, која ќе понуди решенија за долгогодишните проблеми во дејноста.
„Акцентиравме проблеми кои се резултат на слабости во регулативата поради кои професијата туристички водич не е на нивото кое го заслужува. Овие слабости овозможуваат водичи од различни држави да ги презентираат културните добра гледани низ нивните наочари. Одлучивме да ги отстраниме овие слабости и да ги заштитиме домашните туристички водичи“, изјави Љутков.
На средбата беа истакнати и клучни барања за подобрување на условите за работа, стандардизација на дејноста и унапредување на туристичката понуда. Министерството работи на поставување повисоки стандарди за едукација на водичи, основање туристичка инспекција со широки надлежности и усогласување на законската регулатива со цел заштита на професијата и спречување на искривување на македонската историја и култура.