УТРО.мк

Лиценца проверена за 10 секунди: Државата воведува целосно дигитален систем

Лиценца проверена за 10 секунди: Државата воведува целосно дигитален систем
Vero

Проверката на лиценците издадени од државните институции наскоро ќе стане значително побрза и поедноставна благодарение на новиот систем SMART лиценци, кој овозможува целосно електронско издавање, следење и проверка на документите преку QR код.


Новото решение денеска го претстави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски, кој нагласи дека граѓаните, компаниите и институциите со едноставно скенирање ќе можат веднаш да проверат дали одредена лиценца е важечка, истечена, суспендирана, укината или се наоѓа во постапка.


Според Андоновски, системот е дизајниран да ја намали административната процедура и да стави крај на потребата од хартиени документи, фотокопии и дополнителни проверки.
„Лиценца што се проверува за 10 секунди. Без сомнеж дали е важечка. Без фотокопии. Без непотребна бирократија“, истакна министерот при промоцијата на новата дигитална алатка.


Тој посочи дека SMART лиценците ќе придонесат за поголема транспарентност во работењето на институциите, побрзи постапки и намалување на можностите за административна субјективност.
„Ова значи повеќе транспарентност, помалку хартија, побрзи проверки, помалку административна субјективност и поголема доверба во институциите и во правниот промет“, нагласи Андоновски.
Како прв пилот-проект, системот веќе е ставен во функција во Министерството за дигитална трансформација и се користи за давателите на квалификувани доверливи услуги. Во оваа категорија спаѓаат електронскиот потпис, електронскиот печат, временските жигови, електронската препорачана достава и услугите за сигурно електронско складирање.


Од Министерството најавуваат дека следниот чекор е проширување на моделот и негово воведување и во други институции и области од јавната администрација.
Андоновски потенцираше дека крајната цел е државата да обезбеди брзи, точни и безбедни податоци, без граѓаните и компаниите да бидат принудени да носат документи од една институција во друга.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран