
Министерот за здравство, Азир Алиу, денес претстави нов модул за електронска евиденција на елективни хируршки интервенции, кој на јавноста ѝ овозможува целосен увид во закажаните операции во јавните здравствени установи. Ова е првпат во земјава да се воспостави систем што функционира по принципот „прв дојден, прв услужен“.
„Со новиот портал воспоставуваме ред и јасен протокол за евиденција на закажаните интервенции. Секој пациент ќе може да ги види своите опции, а податоците ќе бидат достапни за граѓаните и за креаторите на здравствената политика“, истакна Алиу. Порталот овозможува пребарување по специјалност на лекар, вид на хируршка интервенција, јавна здравствена установа, број на пациенти кои чекаат и конкретен лекар специјалист, со што се овозможува детална анализа и транспарентност на сите нивоа.
Министерот посочи дека досегашниот систем за евиденција, преку „Мој термин“ со издавање на „болнички упат за операција“, покажал сериозни недоследности. Често упатите не се издаваат веднаш по утврдување на потребата за операција, а некои установи користеле друг тип упат, додека листите за чекање се воделе делумно во хартиена форма. Сето тоа создавало неточна слика за времето на чекање и реалните потреби на пациентите.
„Сега секоја установа доби поединечно известување со анализа на бројот на извршени интервенции и реалните упати внесени во системот. На овој начин ги идентификуваме разликите и го унапредуваме планирањето и распределбата на ресурсите. Ова е и чекор кон усвојување на европските практики во здравството“, нагласи Алиу.























