
Македонија во наредните денови ќе биде под влијание на ладен воздушен бран кој ќе продре од истокот и североистокот на Европа, најавува метеопрогнозерот Славчо Попоски. Ова ќе донесе студено време со утрински минусни температури и појава на мразеви, особено во пониските предели.
Викендов се очекува зголемена облачност со локални слаби врнежи. Во градовите врнежите ќе бидат од дожд и снег, додека на повисоките места и на планините врнежите ќе бидат претежно снег. Сепак, поради слабата интензитетност, не се очекува значителна снежна покривка.
За големиот христијански празник Богојавление – Водици на 19 јануари, се предвидуваат температури наутро од -10 до 0 степени, а преку денот ќе се искачуваат до -2 до 6 степени. Во Скопје и околината, наутро се очекува температурата да се спушти до -4 степени, а преку денот да достигне 3 до 4 степени. Во текот на овој период ќе дува слаб до умерен ветер од источен и североисточен правец.
Попоски најавува дека под влијание на нов влажен бран од Медитеранот, во среда, на 21 јануари, се очекуваат нови врнежи, претежно од снег. Детална и обновена метеоанализa за овој бран ќе биде објавена во наредните прогнози.



























