
Населението во Кичевскиот регион се соочува со сериозни последици од поројните врнежи и зголемениот водостој на реките. Поплави го погодија градот и околните села, предизвикувајќи материјални штети и принудувајќи над 110 лица да бидат евакуирани.
Спортската сала во Кичево се претвори во привремен дом за погодените семејства, обезбедувајќи греење и основни услови за сместување. Општината, во соработка со Црвениот крст на Македонија – Општинска организација Кичево, веднаш организираше хуманитарна помош: душеци, креветчиња, ќебиња, облека, храна, вода и хигиенски средства се доставуваат на лицата во нужда. Волонтери и технички тимови постојано ја следат ситуацијата и реагираат на моменталните потреби на населението.
Градоначалникот на Кичево, д-р Александар Јовановски, апелира за смиреност и солидарност. „Најважно во овој момент е здравјето на луѓето. Доставувањето на храна и помош се одвива непречено и во координација со Црвениот крст. Сите служби се активно вклучени и ќе продолжиме со конкретни мерки за да минимизираме вакви појави во иднина“, изјави Јовановски.
За да се спречи ширење на зарази, во спортската сала се врши редовна дезинфекција, а хигиенички екипи го одржуваат просторот чист. Медицински тимови од ЈЗУ „Општа болница“ – Кичево два пати дневно вршат здравствени прегледи на сместените жители.
Јовановски потенцира дека проблемот со поплавите не е нов и дека речното корито не е чистено со години. „Овој долгогодишен проблем мора да се реши без разлика на етничката припадност или заедница. Веднаш штом условите дозволат, ќе се започне со чистење на коритото кај ул. „Прилепска“ и изградба на насип, а паралелно ќе се работи на трајно решавање на инфраструктурниот проблем“, додаде градоначалникот.
Кризниот штаб наскоро ќе формира комисија за проценка на штетите, штом нивото на водата се повлече и безбедно се пристапи на терен. Од Скопје се очекува дополнителна испорака на душеци и кревети, со цел да се задоволат сите потреби на евакуираните лица.



























