
Името на Васил Рингов наскоро би можело трајно да остане запишано на Националната арена Тодор Проески, откако Фудбалска федерација на Македонија и официјално ја поддржа иницијативата јужната трибина на стадионот да го носи името на легендарниот македонски фудбалер.
Иницијативата доби силна поддршка од претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, кој преку емотивна порака порача дека Рингов заслужува трајно признание за сè што направил за македонскиот фудбал.
„Големо име. Ќе стои и ќе одекнува. Засекогаш. Фудбалерите кои оставиле неизбришлива трага во македонскиот фудбал заслужуваат наша трајна почит, признание и сеќавање“, стои во официјалниот допис потпишан од Омерагиќ.
Со ова, поранешниот ас на ФК Вардар добива признание какво што спортската јавност одамна бараше. Рингов важи за еден од најдобрите македонски фудбалери на сите времиња и е симбол на златната ера на Вардар, кога со своите мајстории ги полнеше стадионите низ поранешна Југославија.
Неговата биографија симболично го носи насловот „Фудбал под сенка“, а токму таа фраза денес повторно се споменува во јавноста како потсетник дека неговото име и придонес не смеат повеќе да останат во сенка.
Од ФФМ оценуваат дека именувањето на јужната трибина по Васил Рингов претставува важен чекор кон поголемо почитување на спортските легенди и зачувување на македонската фудбалска историја.
Јужната трибина на Националната арена „Тодор Проески“ важи за едно од најпрепознатливите места на стадионот, каде низ годините се испишувале најзначајните моменти од македонскиот фудбал.
Според иницијаторите, со овој потег ќе се исправи историска неправда кон великаните на македонскиот спорт, а младите генерации ќе добијат постојан потсетник на играчот кој бил страв и трепет за противничките одбрани.
Одлуката веќе предизвика позитивни реакции во спортската јавност, меѓу навивачите и поранешните фудбалери, кои сметаат дека Васил Рингов одамна заслужил вакво признание.
















