УТРО.мк

Фон дер Лајен доаѓа во Македонија: Ќе има средби со Силјановска-Давкова и Мицкоски

Фон дер Лајен доаѓа во Македонија: Ќе има средби со Силјановска-Давкова и Мицкоски
Vero

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во петок ќе престојува во Скопје, во рамки на нејзината шестa годишна турнеја низ Западен Балкан. Таа ќе ги посети Албанија, Косово, Црна Гора и Македонија, а посетата на регионот ќе трае од 30 септември до 2 октомври.

Во Скопје, Фон дер Лајен ќе оствари средби со претседателката Гордана Силјановска-Давкова и со премиерот Христијан Мицкоски. Главни теми ќе бидат следните чекори на европскиот пат на земјата, процесот на пристапување кон ЕУ и постепената интеграција во Унијата.

Во пресрет на посетата, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски изјави дека Македонија сака да се најде решение со Бугарија кое ќе обезбеди предвидливост и сигурност во процесот на евроинтеграција.

Муцунски посочи дека постои интерес од европските институции и од дел од земјите членки за засилен ангажман и отворање простор за разговори, но нагласи дека позицијата на македонската страна останува јасна.

Според него, во овој момент нема услови за уставни измени поради начинот на кој Бугарија се позиционира, а досегашните билатерални контакти со Софија не донеле напредок.

Затоа, Муцунски смета дека е потребна поголема вклученост на ЕУ во процесот. Посетата на Фон дер Лајен во Скопје, според него, е можност поконкретно да се разговара и за ова прашање.

„Црвената линија“ за македонската страна, како што истакна министерот, е решението да обезбеди предвидливост и сигурност во процесот на европска интеграција.

По посетата на Албанија, Фон дер Лајен во четврток ќе престојува во Косово и Црна Гора, а турнејата ќе ја заврши во петок во Скопје.

Србија и Босна и Херцеговина не се дел од оваа агенда. Европската комисија соопшти дека Фон дер Лајен планира да ги посети двете земји подоцна, поради претстојните избори.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран