Родителот кој физички нападна двајца 15-годишни фудбалери на „Брегалница“ за време на младинскиот натпревар против „Шкупи“ во Штип е осуден на 11 месеци затвор, соопшти Основниот суд во Штип. Пресудата не е правосилна и следува можност за жалба до Апелациониот суд.
Инцидентот се случи на 24 август на игралиштето „Бело Брдо“, кога по исклучувањето на неговиот син – играч на „Шкупи“ – таткото влетал на теренот и со тупаници и клоци ги нападнал двајцата противнички фудбалери, при што едниот добил скршеница на носот. Настанот предизвика паника меѓу присутните и беше спречен од публиката.
Обвинителството поднесе обвинение за насилство според член 386 став 4 од Кривичниот законик, а судот ја прифати квалификацијата.
По инцидентот, Фудбалската федерација на Македонија изрече повеќе дисциплински мерки:
играчот на „Шкупи“, син на осудениот, е исклучен од фудбалската организација;
уште двајца играчи на „Шкупи“ добија тримесечна забрана за настап,
еден играч на „Брегалница“ е суспендиран четири натпревари поради груба игра при одбрана.
Одговорност беше побарана и од двата клуба — „Шкупи“ за нападот, а „Брегалница“ за недоволна организација и пропусти во обезбедувањето на натпреварот.






























