
Дојран ги очекува првите туристи и посетители кои ќе пристигнат за Велигденскиот викенд, а градот обезбеди средена инфраструктура и свежи зелени површини. Локалните власти активно вложуваат во уредување на јавните простори: градскиот парк е покосен, пристапните патеки до старата црква „Св. Илија“ се обновени, а растителноста покрај регионалниот пат што го поврзува Стар и Нов Дојран е целосно исчистена.
Подготовките за туристичката сезона започнаа уште во декември минатата година, кога беше спроведена голема акција за чистење на брегот на езерото, со цел просторот да биде подготвен за уредување и привлекување посетители. „Фокусот беше на сите зелени површини во центарот на градот, пешачката патека покрај езерото, градскиот парк, како и на просторите околу верските објекти, манастирот „Св. Марија Магдалена“ и црквата „Св. Илија“ во Стар Дојран,“ велат од Општина Дојран.
Сопствениците на апартмани и други сместувачки капацитети со радост ги најавуваат првите гости. „Веќе имаме најави за Велигден, кога посетителите сакаат да уживаат во мирот, прекрасната природа и чистиот воздух на Дојран. Нашите апартмани се спремни за нив,“ додава еден од локалните домаќини.
Проектот за уредување на зелените површини е резултат на заеднички труд на комуналното претпријатие „Полин“ и осуденици од казнено-поправните установи во Гевгелија и Струмица, кои извршувале општокорисна работа во рамките на меморандум за соработка со Општина Дојран.























