
Собранието на Република Македонија го усвои Законот за средно полициско училиште по скратена постапка, со што официјално се враќа моделот на средно полициско образование кој постоеше до почетокот на 2000-тите години.
Според законските решенија, Средното полициско училиште ќе започне со работа на 13 мај 2026 година во рамки на постојниот Центар за обука во Идризово, односно како дел од Полициската академија согласно Законот за внатрешни работи.
Образованието ќе трае две учебни години и ќе ги опфаќа третата и четвртата година од средното образование. Право на запишување ќе имаат ученици кои успешно ја завршиле втората година во кое било средно училиште во државата, под услов да ги исполнат критериумите и да ја поминат селекциската постапка.
Наставата ќе биде комбинирана и ќе вклучува општообразовни предмети, стручна полициска обука и практична настава, а наставните планови ќе ги утврдува министерот за образование и наука во согласност со министерот за внатрешни работи.
Кандидатите ќе треба да бидат државјани на Република Македонија, да немаат наполнето 18 години во моментот на објавување на огласот, активно да го користат македонскиот јазик, да бидат здравствено и психофизички способни, да поминат безбедносна проверка и да достават согласност од родител или старател.
За време на школувањето, учениците ќе имаат обезбедени униформи, сместување и исхрана, како и практична обука во рамки на полициските структури. По завршувањето, ќе имаат можност за вработување во Министерството за внатрешни работи или продолжување на образованието на Полициската академија.























