Илија Димовски, поранешен долгогодишен пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, гостин во емисијата „Тема на денот“ на Сител телевизија, потенцираше дека одлуките за приближување кон Европската унија не се носат во Скопје или во Софија, туку во Брисел.
„Ни во Скопје, ни во Софија не се носат одлуки за приближување кон Европската унија, тоа се одлуки кои ги носи Брисел. Кога ќе се процени дека е потребно забрзување, тогаш ќе има и конкретни процеси“, истакна Димовски.
Тој го нагласи напредокот во дебатата околу односите со Бугарија, која според него, стана тема што сега се дискутира и во Европската унија. „Од една состојба што ја имавме пред 12 месеци како затворено прашање, сега имаме внесување на многу фактори од ЕУ во оваа дебата“, објасни тој.
Димовски истакна дека позицијата која македонскиот народ ја изгради со гласањето е легитимирана како правец на оваа влада и дека тоа предизвикува внимание во Европската унија. Тој изрази надеж дека домашните функционери, меѓу кои министри, претседател и премиер, ќе бидат исполнителни и ќе бараат решение.
„Потребно е да се најде решение не само заради ЕУ, туку и заради нас, кое ќе подразбира спуштање на границите во научната, интелектуалната, образовната и економската размена, но секако сето тоа во рамки на почитување на достоинството на македонскиот народ“, додаде Димовски.