УТРО.мк

Димовски: Не смее да се молчи за негацијата на македонскиот народ, јазик и идентитет

Димовски: Не смее да се молчи за негацијата на македонскиот народ, јазик и идентитет
Vero

Европратеници од Грција и Бугарија, под покривот на Европската Унија, јавно го негираат постоењето на македонскиот народ, неговиот јазик и идентитет, како и нашето право на името Македонија. Овој проблем, како што вели поранешниот пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, не смее да се преќутува од патриотски и интелектуални причини.

Според Димовски, ваквите настапи не се спорадични или ретки, туку дел од долгогодишни државни стратегии на двете соседни земји кои систематски создаваат „научни“ трудови, правни акти и вршат дипломатски притисоци со цел сведување на македонскиот национален субјективитет на фолклорна географска аномалија.

„Македонскиот народ и јазик постојат, со временски и географски континуум што е поширок од границите на модерната македонска држава. Македонско малцинство има и во Бугарија и во Грција, каде што основните човекови права им се често ускратени“, потенцира Димовски.

Тој нагласува дека самоприпишувањето како Македонец е природно право кое ниту една демократска држава нема право да го ограничува, без разлика на какви договори или меѓудржавни акти станува збор.

„Република Македонија не е само административен ентитет, туку клучна основа на македонскиот историски проект. Ако државата не ги заштити правата на секој Македонец внатре и надвор од границите, тогаш ја губи смислата на своето постоење“, додава Димовски.

Тој јасно порачува дека македонскиот јазик, историја, име и идентитет не смеат да бидат предмет на политички размена, а Европа може да биде партнер само доколку го признае македонскиот народ и неговото право на почитување на универзалните стандарди за човекови права.

„Ако молчиме, се согласуваме со негацијата. Македонците бараат почитување на своите човекови права во Македонија, но и во сите соседни држави“, заклучува Илија Димовски.

Green Machines

Сподели го овој напис

Филигран