
Македонија го започна процесот на усогласување со европските правила за укинување на роаминг-трошоците во земјите на Европската Унија, со измените на Законот за електронски комуникации кои се ставени на јавна расправа.
Со новите законски решенија, граѓаните и компаниите ќе можат да користат мобилни услуги во ЕУ без дополнителни трошоци, односно по исти услови како дома – модел познат како „роаминг како дома“.
Усогласување со европските регулативи
Измените предвидуваат усогласување со повеќе европски директиви и регулативи во областа на електронските комуникации, со цел ограничување на цените, поголема транспарентност и заштита на корисниците од неочекувано високи сметки.
Воедно се зајакнува и регулаторната улога на надлежните институции, а ќе се воведат механизми за јасно информирање на корисниците за условите при користење услуги во странство.
Министерството за дигитална трансформација посочува дека домашните законски обврски треба да бидат завршени до февруари, додека останатите технички и договорни прашања ќе се решаваат во рамки на дијалогот со Европската Унија.
До јули се планира донесување и подзаконски акти од страна на Агенцијата за електронски комуникации, по што процесот ќе биде доставен на валидација во Европската комисија.
Македонија веќе има бесплатен роаминг во регионот
Земјава од 1 јуни 2021 година е дел од регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан, што овозможува користење мобилни услуги без дополнителни трошоци меѓу земјите од регионот.
Новите измени имаат цел да го прошират истиот принцип и кон земјите членки на ЕУ, што ќе значи пониски трошоци за патување, полесен пристап до дигитални услуги и поголема предвидливост на цените.
Европската комисија веќе работи на законско решение за приклучување на земјите од Западен Балкан кон европската роаминг-зона, но приклучувањето зависи од исполнување на техничките и правните критериуми.























