
Десетици куќи и возила се поплавени во Кичево по обилните врнежи кои предизвикаа излевање на Зајаска Река, а повеќе улици во градот се целосно под вода. Поради сериозноста на состојбата е прогласена кризна состојба, информираат локалните власти.
Најкритично во Подварош
Најпогодена е населбата Подварош, каде водата навлегла во домовите, а жителите со сопствени пумпи и со помош на противпожарните екипи се обидуваат да ја испумпаат. Дел од улиците се непроодни, а оштетени се и паркирани автомобили.
Поплави се пријавени и во неурбанизираниот дел кај улицата „Прилепска“, каде според првичните информации се погодени околу 200 жители.
Активиран кризен штаб
Општина Кичево свика Кризен штаб кој ја координира акцијата на терен. Во расчистувањето и помошта учествуваат екипи на ЈКП „Комуналец“, Територијалната противпожарна единица и други надлежни служби.
За лицата на кои им е потребно привремено сместување е обезбедена спортската сала во Иванидол, каде ќе бидат згрижени најпогодените семејства.
Од општината апелираат на смиреност и внимателност, со препорака граѓаните да не се движат низ поплавените улици и подруми и да ја исклучат електричната енергија доколку постои ризик од навлегување вода во домовите.























