Православните верници денес го одбележуваат Отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител, празник познат и како Црн Св. Јован – еден од најтажните денови во христијанскиот календар. Денот е исполнет со длабока симболика, строг пост и воздржаност од радости.
Ден на строг пост
Традицијата налага на овој ден да се пости строго – без месо, риба, масло, па дури и без овошја со црвена боја, како лубеница, домати или грозје, кои потсетуваат на пролеаната крв на светецот. Народното верување вели дека денес не се прават веселби, не се организираат свадби и не се слави.
Молитва и тишина
Според евангелските сведоштва, Свети Јован бил погубен по наредба на царот Ирод, на барање на Салома – ќерката на Иродијада, жената што живеела во грев со него. Главата на светецот му била донесена на чинија, а телото неговите ученици тајно го погребале.
Овој трагичен настан оставил силен белег во христијанството, поради што верниците денес му се поклонуваат во тишина, молитва и покајание.
Што е дозволено
Иако празникот е ден на тага, народното предание вели дека денес е поволно време за берење лековити треви, кои, според верувањето, токму на овој ден имаат особена сила.