
Основниот кривичен суд Скопје го осуди поранешниот директор на Клиниката за геријатрија, Мухсин Арифи, на четири години затвор за примање мито, додека неговиот соработник Блерим Амети доби казна од една година и десет месеци. Судот при одредувањето на казната ги зема во предвид тежината на делото, начинот на извршување и времето поминато во притвор.
Според обвинението, Арифи побарал имотна корист за да овозможи хоспитализација на лице во тешка здравствена состојба, иако тоа било негова службена должност. Амети, кој го познавал сведокот, се понудил да посредува и бил фатен на лице место при примање 20.000 евра, дел од сумата наменета за Арифи. Двајцата обвинети ја негираа вината во текот на судската постапка.
Адвокатот Скендер Мехмеди, кој ги застапува обвинетите, изјави дека ќе поднесе жалба до Апелациониот суд Скопје, оценувајќи ги казните како превисоки и најави детални коментари откако ќе ја добие писмената пресуда.
Од друга страна, обвинителката Искра Хаџи-Василева го поздрави исходот на судењето, истакнувајќи дека Обвинителството е задоволно што судот ја утврдил вината на обвинетите и прифатил нивните аргументи.



























