Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека транспарентноста и отчетноста се основа на довербата во институциите и клучен елемент за стабилна демократија.

„Отворената власт е инструмент преку кој граѓаните имаат директен увид како се користат јавните ресурси, а институциите ја градат својата легитимност врз основа на довербата“, порача Божиновска.
Министерката нагласи дека управувањето со енергетиката, рударството и минералните суровини – сектори од стратешко значење за економскиот развој – мора да биде целосно отворено и достапно за јавноста. Министерството редовно објавува сите склучени договори за концесии и јавно-приватни партнерства на својата веб-страница, www.energy.gov.mk.

Дополнително, сите договори за експлоатација на минерални суровини и геолошки истражувања се јавно достапни, а воспоставена е работна група за нивно редовно ажурирање. Регистарот за јавно-приватни партнерства се надградува со нов електронски систем кој ќе опфати сите фази на проектите и ќе биде поврзан со Националниот систем за јавни набавки.
„Транспарентно, отчетно и достапно за јавноста – успехот во овие области се гради и се дели со граѓаните, од нив и за нив“, заклучи Божиновска.