
Категорично ги отфрлам и ги демантирам лагите и тенденциозните конструкции што СДСМ ги изнесе на прес-конференцијата на 20 септември 2026 година, со кои без ниту еден доказ се прави обид да се нарушат мојата чест, углед и професионален интегритет.
Фактите се јасни, повеќе од 12 години немам никаква деловна ниту приватна релација со „Руднап“. Немам никаква поврзаност со предметната набавка, ниту со постапката што ЕВН, како приватна компанија, ја спроведува самостојно и за сопствени потреби.
СДСМ свесно пласира невистини и измислени конструкции за наводна моја вмешаност во деловни зделки, без да понуди ниту еден факт што би ги поткрепил таквите тврдења. Ова не е аргумент, туку обид за политичка дискредитација.
Нема да дозволам преку партиски прес-конференции да се фрлаат невистини во јавноста и потоа да се очекува тие да останат без одговор. Политичката борба не е и не може да биде алиби за клеветење, манипулирање со јавноста и нарушување на личниот и професионалниот углед.
Затоа, наместо политички конструкции и измислени „мрежи“, од СДСМ барам во рок од 24 часа јавно да ги повлече невистинитите тврдења и да ми се извини за нивното изнесување.
Во спротивно, ќе следуваат конкретни правни чекори. Ќе ги искористам сите расположливи правни механизми за заштита на мојата чест, углед и професионален интегритет, вклучително и судска постапка и соодветни пријави до надлежните институции.
Јавноста заслужува факти и докази, а не политички конструкции. Јас сум подготвена за секој факт да одговорам и да го докажам. Истото го очекувам и од оние што денес изнесуваат вакви сериозни обвинувања.

















