
Премиерот Христијан Мицкоски во Њујорк оствари официјална средба со заменик-државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Кристофер Ландау, на која присуствувале и Брендан Харнахан, помошник-државен секретар за Европа, и Даниел Лотон, заменик-помошник државен секретар за Европа.
Како што информира Мицкоски, на средбата се разговарало за стратешкото партнерство меѓу Македонија и САД, можностите за продлабочување на политичкиот и економскиот дијалог, како и за прашања од заеднички интерес.
Во фокусот биле и економскиот развој и инвестициите, безбедноста и стабилноста во регионот, како и улогата на Македонија како членка на НАТО и партнер кој придонесува за регионалната стабилност.
Мицкоски посочи дека во услови на сериозни геополитички предизвици и промени во меѓународните односи, за Македонија е од особено значење да одржува силни и стабилни односи со своите стратешки партнери.
„Македонија денес настапува со јасно дефинирани државни интереси и со определба тие интереси достоинствено и аргументирано да ги застапува пред своите партнери“, порача премиерот.
Тој нагласи дека директниот и отворен дијалог со американската администрација е значаен за претставување на позициите на земјата и за слушање на македонските интереси во разговорите за важни регионални и глобални прашања.
„Нашата политика е политика на достоинство, принципи и заштита на државните интереси. Пријателствата не се градат со зборови, туку со доверба. Партнерствата не се мерат со протокол, туку со дела“, наведе Мицкоски.
Премиерот додава дека односите со САД треба да продолжат да се градат преку меѓусебна почит, доверба и конкретна соработка која, како што наведува, треба да носи резултати за граѓаните и државата.
„Токму таква држава градиме. Исправена, со јасен став и сигурна иднина“, порача Мицкоски.

















