
Грција воведува финансиска поддршка до 10.000 евра за семејствата кои ќе одлучат да се преселат во пограничните области на земјата, како дел од мерките за демографски развој и заживување на регионите со намалено население.
Според најавите на грчките власти, во октомври треба да започне со работа посебна електронска платформа преку која заинтересираните семејства ќе можат да поднесуваат барања за преселба.
Министерката за социјална кохезија и семејство, Домна Михаилиду, во интервју за телевизијата „Антена“ изјави дека програмата, која првично започна во регионот Еврос, ќе биде проширена и на други погранични подрачја.
„Во октомври ја отвораме платформата и ќе обезбедиме до 10.000 евра за преселба на семејства во пограничните области“, изјавила Михаилиду.
Регионот Еврос се наоѓа во североисточниот дел на Грција и се граничи со Бугарија и Турција. Програмата е дел од поширока иницијатива на грчката влада насочена кон поттикнување на населувањето и демографскиот развој во пограничните региони.
Мерката е предвидена и за грчки државјани кои во моментов живеат во странство, а сакаат да се вратат во Грција и да се населат во некоја од опфатените погранични области.
Целта на програмата е преку финансиски стимулации да се привлечат нови жители, да се поддржат семејствата и да се придонесе кон економскиот и демографскиот развој на пограничните региони.

















